Што правиме

Со нашата техничка помош, македонското Министерство за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика ги спроведуваат реформите поддржани со Договорот за изведба на реформи во секторот „ЕУ за млади“. Договорот и документите кои се поврзани со него претставуваат „акциски план“ за спроведување на предвидените мерки, што конечно ќе придонесе да се зголеми вработувањето на младите. Оваа цел треба да се постигне преку „итно дејствување“ на Агенцијата за вработување во корист на младите кои бараат работа, како и преку унапредување на квалитетот на стручното образование и обука кои ги обезбедуваат новоформираните Регионални центри за стручно образование и обука (СОО). Покрај тоа, валидацијата на неформалното и информалното учење ќе отвори нови можности за лицата кои бараат работа да можат да приложат признаени сертификати пред потенцијалните работодавачи, како доказ за нивните знаење, вештини и работно искуство.
Очигледно, горенаведените цели би претставувале голем предизвик за секоја земја. Меѓународниот трансфер на знаења и искуства придонесува да се забрза процесот. Со него им се овозможува на македонските експерти во министерствата, другите национални институции и во регионот да ги збогатат нивното знаење и искуство со нови информации и со добри практики од странство. На тој начин, македонскиот систем на образование и услуги за вработување нема да се најде во позиција да експериментира, туку може да спроведува проверени и докажани методи коишто функционираат во многу земји.
Токму тоа го правиме – нашиот тим составен од меѓународни експерти пренесува добри практики од странство. Им овозможуваме на македонските експерти и носители на одлуки консултации на кои презентираме како треба да се спроведат реформите, кои конкретни решенија ќе функционираат, кои нови методи на советување, едукација и мониторинг и евалуација на резултатите ќе ја зголемат вработливоста на младите во земјата.
Обезбедуваме помош во процесот на изработка на стратегии и акциски планови во областа на образованието, обуката и вработувањето, од коишто ќе произлезат корисни документи со кои ќе може да се мери и оценува имплементацијата. Држиме предавања за да ги претставиме најдобрите меѓународни практики. Организираме работилници за изнаоѓање на најдобрите решенија за македонската младина преку дискусии кои ги водат експерти. Спроведуваме обуки преку кои им овозможуваме на вашите експерти/административни службеници да стекнат нови вештини.
Понатаму, ја зајакнуваме транспарентната и отворената комуникација помеѓу националните институции и јавноста, а овозможуваме и подобар пристап до информации од јавен карактер. Истовремено, го подобруваме квалитетот на секторскиот дијалог преку вклучување невладини партнери и меѓународни донатори во изработката, спроведувањето и евалуацијата на политиките. За крај, помагаме да се подготви досие за барање за исплата за да ѝ се овозможи на Владата на Северна Македонија да добие финансиски средства со кои ќе се инвестира во модернизацијата на образованието и обуката, како и во услугите за вработување на барателите на работа.