Како функционира програмата „Гаранција за млади“?

Програмата се спроведува ширум Европа (не само во ЕУ). Во 2021 година, одлучија да се придружат и земјите од Западен Балкан. Во 2018 година, Северна Македонија беше првата земја што иако не е членка на ЕУ ѝ се придружи на оваа иницијатива на ЕУ и ја спроведе програмата за брза реакција којашто е главно фокусирана на младите што бараат работа.

Општо земено, кога Европскиот совет на 21 април 2013 година ја усвои првата Препорака на Советот за земјите-членки за воспоставување на „Гаранцијата за млади“ (2013/C 120/01), основната акција беше опишана како „овозможување квалитетна понуда за вработување, продолжување на образованието, практикантска работа или стажирање во период од четири месеци откако некој ќе се стекне статус на невработено лице или откако ќе се заврши формалното образование“. Целната група е дефинирана како „сите млади луѓе на возраст под 25 години“.

Некои од земјите-членки на ЕУ одлучија да ја спроведат „Гаранцијата за млади“ на две нивоа: (а) на системско ниво и (б) со обезбедување брза реакција. Спроведувањето на програмата „Гаранција за млади“ покрај брзо обезбедување услуги за вработување на младите баратели на работа, опфаќа и системски реформи за подобрување на испораката на „квалитетно“ стручно образование и обука, како и „квалитетни“ работни места.

„Гаранцијата за млади“ во Северна Македонија

И сега еве ја „Гаранцијата за млади“, како мерка за вработување која непосредно ја спроведува Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. Мерката „Гаранција за млади“ им овозможува на младите на возраст до 29 години што спаѓаат во категоријата НЕЕТ (лица коишто се невработени и не се вклучени во образование или обука) да добијат соодветна понуда за работа, да го продолжат образованието или да се вклучат во некоја од активните програми и мерки за вработување, во период од 4 месеци откако ќе се пријават како невработени лица во Агенцијата за вработување.

Чекор по чекор

„Гаранцијата за млади“ започнува со мерките за активирање на младите кои за првпат се регистрираат како активни баратели на работа.

Првиот чекор е да се пријават во некој од регионалните центри за вработување ширум државата.

Откако ќе се евидентираат во регистарот на невработени лица, барателите на работа веднаш се упатуваат на првото интервју со советник од Агенцијата за вработување, којшто ја профилира нивната вработливост со примена на прашалник и им изготвува индивидуален план за вработување. Во овој план се дефинирани активностите што ќе овозможат младото невработено лице, во период од 4 месеци, повторно да се вклучи во образовниот процес (не во редовно образование) или да почне да користи некоја од активните мерки или услуги за вработување, со што ќе си ги зголеми шансите за вработување или да добие понуда за вработување што одговара на неговите образование и вештини.

Активностите опфаќаат групно и индивидуално советување: обезбедување услуги за помош при барање работа; делови од обука посветени на поттикнување мотивација; вклучување во некоја од мерките за интеграција на пазарот на трудот (мерките за вработување, образование и обука).