Приказната на системот за следење

Бери спасителот на луѓе (Barry der Menschenretter) e куче од расата Бернардинец, познат во целиот свет, бидејќи нашиот Бери ги спасил животите на повеќе од 40 луѓе на Алпите во Швајцарија и Италија. Приказната за Бери е едноставна, но полна со внимание, хуманост и грижливост. Секогаш кога храбриот Бери ќе добиел задача да ги пронајде загубените планинари, не само што ги наоѓал, туку со себе носел храна и лекови за да пружи нова шанса во животот. А доброто куче Бери не е само мит. Всушност овој спасител на луѓе живеел во периодот од 1800 до 1813 година. Во природонаучниот музеј во Берн дури има и изложба посветена на него.

Зошто е важна оваа приказна? Важна е бидејќи е паралела за начинот на кој функционира системот за следење што го подготви нашиот проект. Целта на системот за следење е да открие колку се успешни учениците во нивните кариери. Постоечкиот образовен систем треба да обезбеди соодветно и применливо знаење и вештини. Квалитетното образование и обуките треба на учениците да им дадат знаења и вештини што ќе им помогнат брзо и лесно да најдат работа.

Што е целта?

Задачата на системот за следење, слично како и задачата на Бери, е да утврди колку добро напредуваат завршените ученици со стекнатото знаење. Доколку поради која било причина им треба помош системот за следење ги наоѓа и им помага, на пример, преку програмата на ЕУ „Гаранцијата за млади“. Дополнително, системот за следење обезбедува информации за надлежните институции поврзани со успешноста на завршените ученици на пазарот на трудот, како и повратни информации за квалитетот на стручното образование и обука. Доколку компаниите ве бараат, доколку сметаат дека сте добро подготвени за работата, тоа секако е знак дека сте се стекнале со добро образование и/или обука. Доколку пак нема потреба од вас на пазарот, тогаш тоа е знак дека нешто не било во ред и треба да утврдиме што е тоа. Сепак, образованието и обуките се основа за успешната кариера.

Помогнете ни, за да ви помогнеме?

Системот има функција да ги следи и собира информациите за кариерите и работниот век на учениците што завршиле училиште. Паметната апликација која е лесна за користење овозможува едноставна регистрација со само неколку податоци за вашите контакти. Откако сте се регистрирале во системот за следење треба да дадете информација за моменталниот работен ангажман: особено е важна вашата работната позиција (доколку не сте го продолжиле своето образование и доколку сте вработени). Овие податоци ќе ни помогнат да процениме дали образованието и обуката што сте го добиле навистина ве подготвиле за успешна кариера, односно:

  • Дали профилот на вештините што ги применувате во тековниот работен ангажман се поврзани со профилот на образование што сте го добиле;
  • Колку долго ви требало да најдете работа;
  • Каква дополнителна помош ви требала да најдете работа или
  • Каква дополнителна обука или стажирање ви е потребна за да најдете работа

Потребни се само неколку минути

Во пилот фазата ќе вклучиме 3.000 матуранти и лица кои завршиле обуки за возрасни (како баратели на работа). Внесувањето на потребните податоци ќе ви одземе само по неколку минути два пати во текот на 6 месеци. Не е тешко, ниту пак одзема многу време. Од друга страна, точните и корисните податоци кои ќе ги внесете ќе бидат исклучително важни во обидот да ги подобриме квалитетот на стручното образование и обука, што ќе биде од полза за сите граѓани во земјата.

Системот за следење има за цел да придонесе во напорите сите ученици да најдат работа.

За да се пријавите за системот скенирајте го QR кодот.

Сите лични податоци се заштитени во согласност со законодавството.