Цели и очекувани резултати

Овој проект претставува комплементарна техничка помош на Договорот за изведба на реформи во секторот „ЕУ за млади“ во областа на образованието, вработувањето и социјалната заштита, со цел да се обезбеди сеопфатна поддршка за капацитетите на клучните ресорни министерства и засегнати страни, како и за тековно и систематско следење и оценување на процесот на реформи во секторот.

Специфичните цели на проектот се следниве:

  • техничка помош за националните власти за зајакнување на нивниот капацитет за спроведување на секторските реформи поврзани со Секторската буџетска поддршка/Договорот за изведба на реформи во секторот „ЕУ за млади“;
  • мониторинг и проценка на спроведувањето и постигнувањето на индикаторите за успешност предвидени со Договорот за изведба на реформи во секторот „ЕУ за млади“.

Под „техничка помош“ се подразбира…

Секторската буџетска поддршка е вообичаено надополнета со обезбедување помош, односно „услуга“ за корисниците со која ќе се подобри нивната способност за спроведување на целите опфатени во Договорот за изведба на реформи во секторот „ЕУ за млади“. Буџетската поддршка финансиски мотивира (ги покрива трошоците на корисниците, за да ги исполнат поставените цели за спроведување реформи), а преку техничката помош се обезбедуваат совети за самата имплементација. Техничката помош ја обезбедува тим составен од консултанти/експерти во одредени сектори (во нашиот случај образование и вработување), коишто имаат меѓународно искуство и знаење и соработуваат со експерти и раководители на локалните (македонските) институции. Меѓународните експерти го споделуваат своето знаење и на тој начин покрај тоа што придонесуваат за исполнување на договорените цели, истовремено и ги надградуваат знаењето и вештините на експертите на крајните корисници.

Меѓународните експерти помагаат и во подготовката на барањата за исплата, со цел да се загарантира дека барањата ќе бидат изработени согласно буџетската поддршка. Оттаму, техничката помош има улога и да придонесе непречено да се вршат годишните плаќања во рамките на буџетската поддршка.

Резултатите од проектот вклучуваат:

  • Зголемени и подобрени институционални капацитети на клучните институции, клучните ресорни министерства и агенциите кои се одговорни за спроведување на Договорот за изведба на реформи во секторот „ЕУ за млади“ ефективно да ја координираат, спроведуваат и следат агендата за спроведување реформи во областа на образованието, вработувањето и социјалната политика; како и да се продлабочат институционалните капацитети за родова анализа во секторот во рамките на Договорот;
  • Систем за следење, кој треба да се воспостави и да се користи од клучните институции за почетно и континуирано стручно образование и обука како и од давателите на стручно образование и обука (СОО), вклучувајќи ги и оние што ја спроведуваат програмата „Гаранција за млади“ и другите програми за вработување;
  • Мониторинг на секторските реформи: вршење систематски и редовен мониторинг и проценка, за да ѝ се помогне на ЕУ да одреди во колкава мера се постигнати општите и специфичните услови и индикаторите за успешност во рамките на Договорот за изведба на реформи во секторот „ЕУ за млади“ и да се утврди степенот на постигнатиот напредок во согласност со Договорот;
  • Зголемени комуникација, информирање и јавна свест за реформите во секторот поддржани од ЕУ преку Договорот за изведба на реформи во секторот „ЕУ за млади“.