Што е иницијативата ЕУ за младите?

Младите се двигатели на промените. Токму затоа инвестирањето во младите е во срцето на соработката на ЕУ со Северна Македонија.

ЕУ стои зад голем број иницијативи што имаат за цел да им ги подобрат животите и да ги зголемат можностите за младите.

Крајната цел е да се придонесе регионот да стане атрактивно и инклузивно место каде што младите ќе живеат, работат и ќе исполнуваат нивните амбиции.

Каков е одговорот на ЕУ

Помладите генерации се важен фокус на работата на ЕУ во регионот се. Во соработка со партнерите, ЕУ инвестира во младите преку програми во многу области – образование и стручна обука, претприемништво, култура, истражување, инклузија, соработка и помирување, граѓански активизам и разни програми за размена за учење и личен развој.
Благодарение на поддршката од ЕУ голем број млади македонски претприемачи успеаја да основаат, да раководат и да развијат сопствен бизнис. Илјадници студенти стекнаа нови вештини преку обука, студирање или волонтирање во странство. Многумина млади уметници ги искористија можностите да ги развијат нивните креативни проекти и да допрат до нова публика.

ЕУ го поттикнува и активното учество на младите, односно нивното вклучување во креирањето политики и во граѓанскиот активизам, и ги охрабрува да ја земат иднината во свои раце!

Приоритети на ЕУ за македонската младина:

  • Создавање работни места, пред сè, преку олеснување на пристапот до финансии за младите претприемачи и малите бизниси. Со обезбедување гаранции за локалните банки, полесно може да им одобруваат кредити на младите претприемачи или малите и средните претпријатија, со што се создаваат работни места за младите.
  • Вложување во надградување на вештините преку програми како што се „Еразмус+“, преку стручно образование и обука (СОО) и преку вложувањето во дигиталните технологии, со цел да се придонесе кон затворање на јазот кај вештините кај технолошкиот сектор. Шемата „Гаранција за млади“, која веќе постои низ ЕУ, има за цел да загарантира дека сите млади на возраст до 29 години ќе добијат квалитетна понуда за вработување, продолжување на образованието, практикантска работа или стажирање во рок од четири месеци откако ќе се стекнат со статус невработени лица или откако ќе завршат со формалното образование.
  • учество и помирување преку проекти како што е Младинската лабораторија на Западен Балкан, со која се поттикнува разговор помеѓу младите и креаторите на политиките, и преку поддршка на Регионалната канцеларија за младинска соработка, која игра клучна улога во градењето доверба и дијалог.

Договор за изведба на реформи во секторот „ЕУ за млади“

Целта на овој договор меѓу Владата на Северна Македонија и Европската комисија е да се инвестира во подобрување на вработувањето на младите во државата. Таа се темели на сознанието дека најдобар начин да се зголеми шансата за долгорочна и квалитетна работа е да се обезбедат висококвалитетни и современи образование и обука. Затоа, со Договорот за изведба на реформи во секторот „ЕУ за млади“ директно се инвестира во спроведувањето реформи во областа на:

  • рана интервенција за младите кои бараат работа (профилирање, советување, помош при барање работа); и
  • подобрувањето на квалитетот на стручното образование и обука.

Во двете полиња, Договорот за изведба на реформи во секторот „ЕУ за млади“ не предвидува еднократна акција, туку длабинска систематска реформа на системот на услуги за вработување и СОО. Целта е да се обезбеди одржливо и долгорочно позитивно влијание врз вработливоста на младите жени и мажи во Северна Македонија.

Договорот за изведба на реформи во секторот „ЕУ за млади“ со тоа овозможува инвестиции за унапредување на стручните квалификации, вештините и подготвеноста на младите да зачекорат на пазарот на трудот. Со тоа, избраните центри за стручно образование и обука прераснуваат во центри за извонредност кои имаат капацитети да обезбедат модерни практики за учење, кои се темелат на практики за учење преку работа и квалитетно образование. Понатаму, тој поддржува лесно да се премине од училиште на работа, со спроведување на шемата „Гаранција за млади“ за младите лица коишто се невработени и не се вклучени во образование или обука. Оттаму, Договорот треба да придонесе да се подобри стапката на вработеност кај младите жени и мажи.