Какви се придобивките за мене?

Постојат многу начини и форми за тоа каква корист може да имате од учеството во шемата „Гаранција за млади“.
На пример:

  • изработка на соодветна биографија и мотивациско писмо;
  • добивање понуда за соодветна програма за обука;
  • добивање понуда за практикантска работа или стажирање;
  • учество во различни обуки, работи и работа на проекти;
  • наоѓање начин за формална валидација на вашите квалификации и наоѓање работа.

Веднаш по пријавувањето за шемата „Гаранција за млади“, стручен советник од Центарот за вработување спроведува почетно интервју со младите баратели на работа. Со примена на професионални методи се комплетираат податоците што овозможува да се изготват индивидуални планови за вработување.

Оие планови претставуваат „личен акциски план“ за добивање нова квалитетна работа.

При изработката на индивидуалниот план се зема предвид зошто сте станале невработени и се идентификува што треба да биде подобрено за да најдете работа.

Ако имате добри квалификации, а можеби и некакво работно искуство, но едноставно немате пристап до ажурираната листа на слободни работни места, советникот ќе ве упати како веднаш да пристапите до базата на податоци за слободни работни места и исконтактирате со работодавачот.

Доколку имате соодветни квалификации и треба само да се претставите соодветно, советникот ќе ви помогне да подготвите соодветна биографија и мотивациско писмо. Може да посетувате и обука со која ќе ги подобрите вашите презентациски и комуникациски вештини. Потоа, советникот ќе ви помогне да изберете соодветна понуда за работа од базата на податоци на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ), како и да исконтактирате со работодавачот.

Доколку треба да ги подобрите вашите знаења и вештини, советникот ќе ве профилира за да дефинира кои од бараните занимања на пазарот на трудот се најсоодветни за вас. Потоа, ќе добиете понуда за соодветна програма за обука со која ќе ги стекнете потребните знаење и/или вештини. Откако успешно ќе ја завршите обуката, советникот ќе ви помогне да изберете соодветна понуда за работа од базата на податоци на АВРСМ, како и да исконтактирате со работодавачот. Постои можност советникот да стапи во контакт со вас дури и пред завршниот испит.

Ако вашето формално образование ги задоволува потребите на работодавачот, но треба да си ги надградите вештините, ќе добиете понуда за практикантска работа или стажирање. Некои компании вообичано се директно вклучени во оваа меркашто го унапредува квалитетот на програмата и ја зголемуваат шансата за вработување веднаш откако ќе заврши програмата.

Или, можеби само треба да ги валидирате вашите квалификации кои сте ги стекнале формално или неформално. Со учество на разни обуки, преку вршење разни работи и работење на разни проекти, целиот живот стекнуваме нови знаења и вештини на различни начини. Често не сме ни свесни дека работодавачите имаат потреба од овие „наши“ посебни вештини. Дури и кога сме свесни за тоа, не знаеме како најсоодветно да ги претставиме овие вештини и знаења. Во ваков случај, советникот ќе ви помогне да изберете начин за формална валидација на вашите квалификации, а потоа ќе ви помогне и да најдете работа.

Всушност, има огромен број придобивки, ајде да ги избереме тие што најмногу ви одговараат!

За повеќе информации посетете ја веб-страницата: https://av.gov.mk/youth-guarantee.nspx